Лекарите не сакаат на работа со отпечаток од прст — ќе го оспорат предлогот на Уставен суд
Голем е отпорот на здравствените работници околу идејата на министерот за здравство Азир Алиу да воведе систем за евиденција на работното време со отпечаток од прст. Лекарите не сакаат да се евидентираат со таканаречениот „фингерпринт“, а дел од нив ни потврдија дека доколку во нивната клиника се имплементира ваквиот начин на контрола на работното време, тогаш предлогот ќе го оспорат пред Уставниот суд.
– Во Европската Унија има низа прописи дека не треба да се употребува биометриската евиденција за контрола на работното време кога има голем број алтернативи. Но, доколку дојде ред тоа да се спроведува кај нас на Клиниката, гарантирам дека ќе има штрајк, а јас прв ќе го оспорам предлогот пред Уставен суд, изјави за „Слободен печат“ специјалист од скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“.
Министерот за здравство Азир Алиу пак за „Слободен печат“ вели дека системот за отчитување на присуството на работа со отпечаток од прст веќе функционира во Министерството за здравство за сите вработени вклучително и за него. Секое утро министерот вели дека се евидентира на работа со отпечаток на прст. За дилемите околу заштитата на личните податоци, Алиу за „Слободен печат“ објасни дека е пронајден начин да се надминат проблемите и да бидат заштитени личните податоци.



