Катастар ги објасни новите цени и го забрани влезот за геодетите?

Неколку дена по објавата на Комората на геодети дека катастарските услуги енормно поскапуваат, денеска директорот на Агенцијата за катастар Борис Тунџев ги повика новинарите на брифинг да им објасни дека тоа не е така. Несекојдневно, на брифингот се обиде да присуствува и претседателот на комората на геодети Никола Рибароски кој во петокот го објави новиот ценовник. Но, обезбедувањето на Катастарот како што вели, не му дозволило да присуствува на состанокот.

„Јас влегов и бев грубо исфрлен од страна на обезбедувањето на Агенција за катастар и тоа по наредба од директорот, со образложение да не правам инциденти. Јас не дојдов да правам инциденти, туку да поставам прашања и образложенија за поскапувањето“, вели Никола Рибароски – претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи.

Според геодетите, додека Агенцијата енормно ги зголемува своите приходи, барањето на Комората на геодети за зголемување на цените на услугите кои тие ги наплаќаат, сè уште не е имплементирано. Првиот човек на Катастарот пак, пред новинарите денеска рече дека вратата секогаш му била отворена за состаноци. Тој тврди дека катастарските услуги не поскапеле многу, туку само 30 отсто.

„Повеќе услуги коишто беа раслоени и во различни надоместоци се сублимирани во една услуга. Затоа не можете да правите дијапазон, еве конкретно за тоа што беше од 33 до 600 денари, ние направивме една универзална цена од 150 денари“, вели Борис Тунџев, директор на Агенција за катастар.

Но, геодетите обвинуваат дека услугите на Катастар се зголемени и до 500 отсто. Услуга која чинела 67 денари, сега се чини 409 денари, геодетскиот елаборат кој изнесуваше 700 денари, сега е 1.500 денари. Геодетите се жалат и дека не биле воопшто консултирани при изработката на новиот предлог-закон за Катастар и Законот за геодетски услуги.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons