Касетите се враќаат: Максел го оживеа легендарниот модел од златната ера на аналогната музика
Носталгијата по аналогниот звук повторно го освојува пазарот – легендарната аудиокасета Максел УД се враќа во продажба во специјална серија УД-60У, наменета за љубителите на ретро-технологијата и колекционерите.
Компанијата Диск јунион најави нова серија во соработка со култниот бренд Максел, враќајќи го на пазарот форматот што одбележа цели децении пред ерата на стримингот и дигиталната музика.
Новата серија особено ќе ги израдува љубителите на аналогниот звук, на кои производителите дури им предлагаат на касетите директно да снимаат музика од винилни плочи.
Враќање на касетата што одбележа една ера
УД-60У спаѓа во касетите од тип 1, базирани на железен оксид, кои своевремено претставуваа стандардна и подостапна опција во споредба со понапредните ленти од тип 2 и тип 4.
Серијата УД, односно Ултра динамик, на Максел се појави уште во 1970 година, а подоцна беше усовршена со магнетен слој на база на гама-хематит, со карактеристики што ја направија конкурентна на тогашните модели на ТДК и Сони.
Во златното време на аналогните медиуми, касетите се користеа за снимање музика, но и во еден сосема поинаков свет на технологијата – како медиум за чување програми и игри на компјутери како Комодор ВИК-20, ЗИкс Спектрум, Амстрад ЦПЦ, МСИкс и Би-би-си микро.
Колекционерите повторно доаѓаат на свое
Враќањето на серијата Максел УД започна уште во 2016 година со ретро-пакувања, додека минатогодишната прва заедничка серија на Максел и Диск јунион предизвика голем интерес кај колекционерите.
Новата касета УД-60У се продава по цена од 990 јени, односно околу 5,3 евра за едно парче.
Пакување од три касети чини 2.900 јени, што е приближно 15,6 евра.
За генерациите што растеа со касети, премотување со молив и преснимување на омилените песни, ова е многу повеќе од обично враќање на еден производ – аналогната носталгија повторно го добива своето место на полиците.



