Како да го победите хроничното одложување на обврските: три методи што можат да ви помогнат да завршите сè што сте започнале
Одложувањето на обврските, или прокрастинацијата, е честа појава што погодува голем број луѓе.
Истражувањата покажуваат дека помеѓу 85 и 95 проценти од луѓето признаваат дека повремено ги одложуваат задачите, додека речиси 20 проценти се хронични одложувачи, според д-р Џозеф Ферари, професор по психологија на Универзитетот „Депол“ во Чикаго.
Иако одложувањето на обврските често се доживува како недостиг на дисциплина, стручњаците истакнуваат дека тоа може да биде поврзано со емоционалната состојба, стресот и стравот од неуспех. Промената на начинот на размислување и неколку практични стратегии можат да помогнат во надминувањето на оваа навика.
Моника Пакер, авторка на книгата „Лепливи навики“, изјави за американската телевизиска станица КСЛ дека одложувањето на обврските е човечка склоност, но дека тоа не значи оти луѓето мора да се помират со таквото однесување. Првиот чекор, според неа, е да престанеме да го гледаме тоа како нешто што не може да се промени.
Почнете пред да се создадат идеални услови
Како што пишува британскиот весник „Индипендент“, еден од наједноставните начини за справување со одложувањето на обврските е едноставно да почнете со работа, наместо да чекате да имате слободно време или да се создадат совршени услови.
Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил препорачува создавање работна средина што ја олеснува концентрацијата, како што е наоѓање мирно место за работа или за телефонски разговор. Сепак, подготовките не треба да станат нова пречка, па предолгото избирање работен простор или чистењето на бирото можат само дополнително да го одложат почетокот.
„Забележуваме дека штом ќе почнете да извршувате некоја задача, самата задача почнува да ве мотивира“, изјави во јули за Њујорк тајмс д-р Кетрин Монтон, доцент на Универзитетот „Ратгерс“.
Управувајте со емоциите, а не само со времето
Одложувањето на задачите често се поврзува со негативните емоции што ги предизвикува одредена задача. Сомнежот во сопствените способности, недостатокот на интерес или стравот од неуспех можат да ги наведат луѓето да ја одложат задачата со цел привремено да го намалат стресот или да си го подобрат расположението.
Клиничкиот психолог Беки Бикат Тилахун од клиниката во Кливленд објаснува дека проблемот не е секогаш управувањето со времето, туку управувањето со емоциите. Перфекционизмот, исто така, може да игра значајна улога, бидејќи стравот дека резултатот нема да биде доволно добар го отежнува дури и самото започнување со работа.
Фуша Сироа, професорка по социјална психологија и психологија на здравјето на Универзитетот во Дарам, Велика Британија, смета дека е важно да се најдат поздрави начини за справување со непријатните емоции, наместо одложувањето да се користи како начин за привремено олеснување.
Ова може да подразбира попозитивен став кон сопствените способности и свесно справување со стресот.
Наградете се себеси откако ќе завршите некоја задача
Друг метод е да се наградите себеси откако ќе завршите некоја напорна или непријатна обврска. Според Тилахун, ваквиот пристап може да му помогне на мозокот да го поврзе вложениот напор со позитивен исход, со што се зголемува мотивацијата за идните задачи.
Пример за тоа е плаќање една сметка, проследено со 15 минути гледање омилена телевизиска емисија, пред да се премине на следната сметка.
Сепак, важно е да се одолее на искушението да се земе наградата пред да се заврши задачата. Експертите препорачуваат да се наградите за секоја постигната помала цел, што создава дополнителен поттик за продолжување со работата и за исполнување на преостанатите обврски.



