Свет

ЕУ ја промовира апликацијата „Travel to Europe“: Дигитализацијата на границите започнува од Шведска и Португалија

Европската Унија ја започнува имплементацијата на новата дигитална апликација „Travel to Europe“, чија цел е да го забрза преминувањето на надворешните граници за државјаните од трети земји, во рамките на новиот систем ЕЕС (Entry/Exit System). Новиот режим на патување ќе ги опфати и македонските граѓани, за кои наскоро заминуваат во историјата печатите во пасошите.

Според европски извори, системот предвидува секое преминување на границата да се регистрира дигитално, со земање биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографирање. За да се избегнат долгите редици, креирана е апликацијата „Travel to Europe“, преку која патниците ќе можат однапред да ги внесат своите податоци.

Процедурата е едноставна: корисниците преку NFC технологија на својот телефон ќе го скенираат пасошот, ќе направат селфи фотографија за потврда на идентитетот и ќе одговорат на неколку основни прашања за целта на патувањето. Откако податоците ќе бидат обработени, апликацијата генерира баркод кој патникот едноставно го покажува на граничниот премин.

Иако главната цел е намалување на гужвите и зголемување на безбедноста, почетната фаза носи предизвици. На одредени гранични премини веќе се регистрирани подолги чекања поради прилагодувањето на инфраструктурата и навикнувањето на новата дигитална процедура.

Во моментов, оваа дигитална олеснина е достапна само за влез во Шведска и Португалија. Официјален датум за проширување на услугата кон останатите земји од Шенген зоната, вклучително и Грција како најфреквентна дестинација за македонските туристи, сè уште не е потврден.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons