ЕУ и НАТО го засилуваат производството на воена опрема во Европа
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте се согласија дека во следните недели ќе работат на зајакнување на односите меѓу Европската унија и воениот пакт. Состанокот на кој беше потврдена идната соработка се одржа денес во Брисел, пишува Ројтерс.
По состанокот, Фон дер Лаен објави на социјалната мрежа Икс дека една од главните теми е потребата од зголемување на производството на воена опрема на континентот. „Разговаравме за претстојниот самит на НАТО и како да се зајакне индустриското производство на воена опрема во Европа“, изјави таа.
Таа ја нагласи и итноста за дејствување со оглед на глобалните околности. „Мора да инвестираме повеќе, да произведуваме повеќе и да го правиме тоа побрзо. Со оглед на растечките глобални безбедносни закани, се согласивме дека во наредните недели тесно ќе соработуваме на зајакнување на односите ЕУ-НАТО и на подготовка на успешен самит во Анкара“, кажа претседателката на Комисијата.
И генералниот секретар на НАТО го објави разговорот со Фон дер Лаен, нагласувајќи дека посилна Европска Унија директно придонесува за силата на Алијансата. Во својот пост Руте порача: „Посилна Европа значи посилно НАТО“.



