Едно лице загина во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп – Градско, кај Плетвар
Едно лице почина во тешка сообраќајна несреќа што денеска попладне се случи на патот Прилеп – Градско, кај превојот Плетвар, кога товарно возило излетало од патот, потврдија за „360 степени“ од Секторот за внатрешни работи Битола.

Според информациите оттаму, сообраќајната несреќа во полиција била пријавена во 17:44 часот, по што сообраќајот бил целосно прекинат.
Во првичната информација од СВР Битола не се прецизира дали починатото лице во несреќата е возачот на товарното возило.
Увидот, кој треба да даде насоки на истрагата околу причините и околностите за сообраќајката, е во тек.
„Денеска (26.06.2026) во 17.44 час во СВР Битола било пријавено дека на патниот правец Прилеп -Градско, превој Плетвар во близина на село Ореовец товарно моторно возило излетало од патот при што едно лице починало. Увидот е во тек“,се вели во информацијата од СВР Битола.
Оттаму додаваат дека по целосниот прекин на сообраќајот, од 19:30 часот тој се одвива по една коловозна лента, наизменично.
На социјалните мрежи, граѓани кои се затекнале на патот, како и локални медиуми објавија фотографии и видеа од колони возила како чекаат на патниот правец во долга колони.
Според некои од објавите, во сообраќајната несреќа загинал возачот на товарното возило, а смртта ја потврдиле од Итната медицинска помош.
На една од снимките се гледа превртениот и тешко оштетен камион, чија приколка била натоварена со песок, а кој по несреќата се истурил на коловозот.



