Свет

Еболата е вон контрола во Конго: над 10.000 заразени, речиси половина починале

Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго се зголеми на 10.060, а речиси половина од заразените починале, покажуваат владините податоци.

Епидемијата, прогласена во мај, е предизвикана од вирусот „бандибјугио“, за кој не постои одобрена вакцина ниту лек, пренесе Ројтерс.

Според здравствените власти, ова е најбрзорастечката епидемија на ебола досега и најсмртоносната во историјата на Конго.

Болеста во Конго се проширила во 66 здравствени зони во осум провинции, додека во моментот кога беше прогласена епидемијата, била присутна во само три зони.

Вкупно е регистрирана во пет земји, меѓу кои и Уганда и Франција, каде што во моментов нема активни случаи. Случаи се забележани и во Кенија и Нигерија.

Околу 80 отсто од новите случаи потекнуваат од лица кои не биле под здравствен надзор, што укажува на постоење на синџири на пренесување на вирусот што не се откриени.

Според Африканскиот центар за контрола и превенција на болести, најмалку 95 отсто од случаите би требало да бидат поврзани со веќе идентификувани контакти на заразените за да може да се смета дека епидемијата во голема мера е ставена под контрола.

Најмалку половина од починатите никогаш не биле примени во центри за лекување, што укажува дека во многу области симптомите не се пријавуваат.

Здравствените работници се соочуваат со вооружени судири, лоша патна инфраструктура, недостиг од опрема, недоверба кај населението и дезинформации, додека некои центри за лекување се преоптоварени.

Медицинските тимови се соочуваат и со насилство од локалното население, а дел од вработените штрајкуваат поради доцнење на исплатите и неисплатени плати.

Во саботата, во местото Бафвасенде, во провинцијата Чопо, за време на интервенција поради сомневање за ебола била убиена медицинска сестра, додека уште еден здравствен работник бил тешко повреден.

Епидемијата дополнително го оптовари здравствениот систем на Конго и ги наруши редовните здравствени услуги, вклучително и вакцинацијата на децата, истакнува АП.

Стравот од зараза и изолација ги одвраќа бремените жени од одење во болница, а во некои провинции стапката на смртност кај бремените жени се удвоила набргу по прогласувањето на епидемијата.

Покрај здравствените последици, епидемијата го прекина образованието на децата и дополнително ги погодува семејствата кои и онака се соочуваат со тешки животни услови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons