Долгот кон државата надмина 227 милиони евра, УЈП објави 198 нови должници
Управата за јавни приходи ја објави најновата листа на должници, на која се евидентирани вкупно 5.200 правни и физички лица со неплатени обврски од над 14 милијарди денари, односно околу 227,6 милиони евра.
Според податоците на УЈП, на листата има 2.006 правни лица, што е за 19 повеќе од претходната листа, и 3.194 физички лица, односно 41 повеќе.
Вкупниот нето-долг изнесува 14.024.931.031 денари и е зголемен за 83,1 милион денари, или околу 1,35 милиони евра, во споредба со претходната листа.
Најголемиот дел од обврските се однесуваат на даноци и придонеси. По овој основ долгот изнесува 13,78 милијарди денари, односно околу 223,7 милиони евра. Дополнителни 240,9 милиони денари, или околу 3,9 милиони евра, се однесуваат на царински давачки.
На најновата листа се евидентирани и 198 нови должници, чии вкупни обврски изнесуваат околу 130 милиони денари, односно повеќе од два милиони евра.
Од УЈП информираат дека при следното објавување на листата ќе достават информации за преземените мерки за наплата на обврските од овие должници.
Листата се однесува на долгови доспеани до 31 јули 2026 година, а неплатени до 31 октомври 2026 година. На неа се објавуваат правни лица со долг над 300.000 денари, како и физички лица и самостојни вршители на дејност со долг над 120.000 денари.



