Децата со три дози Ди-Те-Пер од утре во градинка – само последнава недела регистрирани 43 нови случаи на голема кашлица
Од утре градинките ќе ги примаат децата со три дози вакцини против големата кашлица во последните 6 месеци, со услов за ревакцина по 6 месеци од примената последна вакцина. Ваквата одлука беше соопштена деновиве по состанокот на Комисијата за заразни болести, а која ја потврди и министерот за здравство Илир Демири. Според контролите пак кои ги спроведе Државниот санитарен и здравствен инспекторат досега беа почитувани мерките во градинките. Директорката на инспекторатот Рената Младеновска деновиве со оценка дека не може да се дозволи да се враќаат болести кои веќе беа искоренети.
„Од понеделник да почнат да се примаат деца кои што ја имаат комплетирано вакцинацијата од трите дози на Ди-Те-Пер. Мислам дека ќе излеземе од оваа ситуација затоа што гледам дека во оваа недела имаме одлична соработка, трпение за родителите, ќе мора да ја решиме оваа состојба затоа што не е во ред да враќаме заразни болести, веќе сме 21 век“, вели Рената Младеновска.
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје само во текот на изминатата недела пријавени се 43 нови случаи на голема кашлица, што е нешто помалку од претходната кога беа регистрирани 50 случаи. Најголем број случаи се од Скопје.
„Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје 39, а пријавени се случаи и во Тетово двајца и , Гостивар и Битола по еден.Возраста на заболените се движи од 0 до 40 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10-14 години. Од новите 50 случаи, 5 случаи се хоспитализирани 4 деца на возраст под 1 година и едно од возрасната група од 1-4 години“, велат од ИЈЗ.
Со ваквите податоци, целосната бројка на вкупно заболени во земјава се околу 220 случаи на голема кашлица.