Спорт

Дамјановска: Се надевам дека ќе ја направиме Македонија горда

Ракометарките на македонската репрезентација ги почнаа подготовките за настап на Европското првенство, а од денеска се на турнир во Турција каде ќе одиграат пријателски натпревари против Финска, Италија и домаќинот Турција.

Катерина Дамјановска вели дека за неа е огромна чест што ќе игра за Македонија на едно големо натпреварување какво што е Европското првенство.

„Настапот на Европското првенство за мене претставува остварување на уште еден голем сон. Сите уште од мала возраст сонуваме да го носиме националниот дрес на едно вакво големо натпреварување. Секако, тоа носи и голема одговорност, бидејќи ја претставуваме цела Македонија, не само како индивидуи и како тим, туку и како држава. Кога ќе се интонира химната, чувството е посебно и не може да се опише со зборови. Смената на генерации бара време, дисциплина и континуирана работа. Сепак, сметам дека искуството од претходните Европски првенства ќе ни помогне оваа година. Верувам дека ќе успееме да го пренесеме на теренот сето она што го научивме, како и работата и дисциплината што ги градевме низ годините. Се надевам дека ќе се покажеме во најдобро светло и ќе ја направиме Македонија горда“, изјави Дамјановска.

Европското првенство ќе се одржи од 3. до 20 декември во пет земји, Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.

Македонија е во групата Б која ќе се игра во Клуж, Романија. Во нашата група се домаќинот Романија, Норвешка и Швајцарија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons