Воспоставена нова авиолинија Скопје – Сараево 

Со инаугуративниот лет што полета вчера од Меѓународниот Аеродром Скопје, грчката национална авиокомпанија АЕГЕАН Ерлајнс почна со операции меѓу Скопје – Сараево со авион ATR72-600, со три фрекфенции неделно.

Авиокомпанијата ќе лета од Скопје до Сараево секој понеделник, среда и петок.

„Задоволни сме што АЕГЕАН го зголемува своето присуство на нашиот пазар, со воведувањето на уште една нова дестинација од Скопје, покрај Атина, а тоа е Сараево. AEGEAN ќе лета три пати неделно од Скопје до Сараево и со добра конекција со постојната релација Атина-Скопје ќе овозможи непречено патување низ Балканот. Веруваме дека оваа нова авиолинија ќе ја задоволи потребата на патниците за брзо и удобно да стигнат од Скопје во Сараево за нешто повеќе од еден час, наместо копнените видови превоз кои траат долги часови и значат исцрпувачки патувања меѓу двата главни града. Сега, луѓето од Сараево можат со летот на АЕГЕАН да пристигнат во Скопје за речиси еден час, и да ги откриваат неговите популарни места за разгледување и културно наследство за време на нивниот одмор во градот или пак за време на продолжени рекреативни патувања во земјата“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

„Задоволство ни е да ја прославиме денес, со нашите први патници и избрани туристички агенти, отворањето на нашата нова авиолинија од Скопје до Сараево. Со овој нов лет, за кој наскоро се надеваме дека ќе стане еден од омилените на патниците, сакаме да ја зголемиме поврзаноста и да го прошириме нашето присуство на балканските простори. Со нашите висококвалитетни услуги сакаме да ја промовираме меѓудржавната мобилност, да го промовираме туризмот и да ги зајакнеме трговските односи, не само меѓу двете земји, туку и со Грција. Воведувањето на оваа нова авиолинија е и резултат на соработката меѓу АЕГЕАН и Меѓународниот Аеродром Скопје и би сакал да им се заблагодарам на нашите колеги од ТАВ за одличното партнерство што го имаме. Ќе продолжиме да ја развиваме нашата мрежа и да нудиме нови можности за поврзување во регионот и, се разбира, со нетрпение очекуваме да ве видиме наскоро на еден од нашите летови“, изјави Роланд Јаги, главен комерцијален директор на АЕГЕАН.

„Наше големо задоволство беше да го пречекаме првиот лет на AEGEAN од Скопје, кој слета синоќа на Меѓународниот Аеродром Сараево. Посебно се радуваме на фактот дека воведувањето на оваа авиолинија беше резултат на заедничката и многу успешна соработка меѓу два аеродрома – скопскиот аеродром, управуван од ТАВ Македонија, Меѓународниот Аеродром Сараево и грчката авиокомпанија АЕГЕАН.

Возбудени сме што АЕГЕАН ја препозна важноста и потенцијалот за воспоставување на оваа линија како одлично подобрување на комуникацијата и зајакнување на соработката во областа на економијата и туризмот меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Убеден сум дека соработката меѓу АЕГЕАН и Меѓународниот Аеродром Сараево ќе биде долга и успешна“, изјави Алан Бајиќ, директор на Меѓународниот Аеродром Сараево.

До крајот на октомври, времето на поаѓање од скопскиот аеродром ќе биде во 19:00 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Сараево во 20:10 часот, додека времето на поаѓање од аеродромот во Сараево ќе биде во 20:50 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Скопје во 21:50 часот. Сличен распоред ќе биде понуден и во текот на зимата 2023/2024.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons