Вакцината против ракот на грлото на матката е речиси стопроцентно ефикасна

Минатата година во Maкедонија беа регистрирани 179 нови случаи на карцином на грлото на матката, односно 5,5 проценти од вкупно евидентираните случаи со карцином во државата, додека пак инциденцата изнесува 19,34/100.000 женско население, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Во просек секоја година 150 жени заболуваат од рак на грлото на матката, а 20 жени ја губат битката со оваа болест. Според застапеноста на ракот кај жени, карциномот на грлото на матката се наоѓа на шесто место, а пак на прво место е карциномот на дојка. ХПВ вакцината е речиси стопроцентно ефикасна.

Како што објаснува за МИА специјалната претставничка на СЗО за Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје, д-р Ане Јохансен, примарната причина за карцином на грлото на матката е хуманиот папилома вирус (ХПВ). Тоа е, како што вели, многу заразна инфекција која се пренесува преку сексуален контакт или контакт кожа на кожа.

„ХПВ е исклучително чест вирус – 80 отсто од сексуално активните жени и мажи го добиваат во одреден момент од животот. Постојаната инфекција со високоризичен тип на ХПВ може да доведе до абнормални промени во клетките на грлото на матката. Овие промени се нарекуваат преканцерозни израстоци (или лезии). Ако не заздрават или не се отстранат, може да се развијат во карцином. Обично потребни се години за овие израстоци да се развијат во карцином на грлото на матката“, вели д-р Јохансен.

Како што потенцира, помеѓу факторите на ризик се вбројуваат и возраста од првата бременост, три или повеќе полнорочни бремености, пушење цигари, ослабен имунолошки систем, ХИВ инфекција или присуство на други сексуално преносливи инфекции.

Симптомите на карцином на грлото на матката во рана фаза вклучуваат неправилно крварење меѓу менструалните циклуси или по менопаузата, зголемен вагинален исцедок со непријатен мирис, вагинално крварење по сексуален однос, болка во карлицата или болка за време на сексуалниот однос.

Симптомите на напредната фаза на карцином на грлото на матката вклучуваат постојана болка во грбот, нозете или карлицата, губење на тежината, замор, губење на апетит, непријатен исцедок и вагинална непријатност и отекување на ногата или на двата долни екстремитети.

Карцином на грло на матка најчесто се развива кај жените од 20 до 45 години

Специјалната претставничка на СЗО за Македонија вели дека карциномот на грлото на матката е еден од најчестите видови на карцином што ги погодува жените, со околу 69.000 случаи и 30.000 смртни случаи регистрирани годишно во Европскиот регион на СЗО.

Таа додава дека поверојатно е оваа болест да се развие кај жени на возраст од 20 до 45 години, а инциденцата е поголема во земјите кои немаат ефективни организирани програми за скрининг на карцином на грлото на матката.

Специјалната претставничка на СЗО уверува дека кога ќе се дијагностицира, карциномот на грлото на матката е една од најуспешно излечливите форми на карцином, доколку се открие рано и ефикасно се менаџира. Карциномот дијагностициран во доцните фази, исто така, може да се третира со соодветен третман и палијативна нега.

Покрај тоа што се спречуваат преку вакцинација против ХПВ, преканцерозните лезии лесно може да се откријат преку скрининг преглед пред да развијат во карцином.

Вакцината за ХПВ е речиси 100 отсто ефикасна во спречувањето на повеќето ХПВ инфекции кои може да резултираат со преканцерозна состојба и карцином.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons