Актуелно

Цената на лебот се замрзнува на 33 денари

Од 1-ви март се замрзнува цената на лебот. Владата ќе носи одлука во вторник и ќе важи само за белиот и полубелиот леб. Тогаш ќе се знае и дали на прехранбените компании ќе им се укине поевтината струја од среда или ќе ја користат уште цел месец. Ова следи откако министерството за економија утврди дека 70% од фирмите што користат субвенционирана струја, не ги намалиле цените на основните продукти. Поради тоа, цената на лебот ќе се фиксира на 33 денари, а на листата се очекува да се најдат и други производи. Министерот вели ќе се прават анализи секоја недела.

Ова е само првиот чекор. Ќе следат соодветни одлуки и за другите производи. Нема да оставам граѓаните да плаќаат повисоки цени од тоа што е реално. Ќе важи се додека мислиме дека таа мерка ќе биде во интерес на граѓаните и дополнително на тоа ќе остане како одлука отворена што значи дека може од 33 денари секоја недела да оди надолу, нагоре на верувам да оди.“ – Крешник Бектеши, министер за економија

Откако пекарите побараа субвенции и за работниците бидејќи се соочувале со недостиг на кадар, Бектеши им врати дека такво нешто нема да се случи. Им порача да работат во интерес на граѓаните, во спротивно слободно нека затворат.

Подобро да затворат отколку штетата да биде на грбот на граѓаните. Не ми требаат такви компании кои ќе имаат цени 40,45 денари за 450 грама бел леб и полубел леб. Слободно нека затворат, нови мерки за нив нема да има. Да им ги платиме ние и работниците, да им ги платиме и суровините, сите оперативни трошоци, а тие да го добиваат само профитот. И тоа профит кој не е логичен, на грбот на потрошувачите.“ – Крешник Бектеши, министер за економија

Од Агро-бизнис комората не се согласуваат со мерката за замрзнување на цените. Велат неизвесно е како фурните ќе се справат со трошоците, па можно е или да стават клуч на врата или рафтовите во маркетите да ги остават празни.

Секоја од компаниите ќе си направи внатрешни анализи. Ќе си утврди дали може да го издржи тој удар и како тоа ќе влијае на трошоците за самото производство и врз основа на тоа секоја компанија сама ќе си заклучи што би правела во иднина. Можни се сите опции, не би можел сега да коментирам што би се случувало конкретно во блиска иднина. Сметам дека посериозно требаше да се разговара и да не се брза со вакви одлуки.“ – Горан Георгиевски, претседател на Агро-бизнис комора

Пекарите не се согласуваат ниту со одлуката за укинување на субвенционираната струја. Според нив, прекинот не треба да важи за сите, туку само за оние компании кои не го испочитувале договореното намалување од 7 до 13%.

Вака изгледа дека е избрзано. Не се знаат анализите и аргументите, не се знае кои се тие конкретни компании, а веднаш се прејудицира и се носи заклучок да сите компании се префрлат на слободна берза за електрична енергија.“ – Горан Георгиевски, претседател на Агро-бизнис комора

Мерката за струја од 80 евра по мегават час за прехранбените компании стапи на сила на 1-ви декември лани и требаше да важи до 30 април. Досега за оваа намена државата одвоила милион и пол евра народни пари.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons