(ФОТО) УЈП објави листа на најголеми должници
Управата за јавни приходи (УЈП) објави листа на должници на која се најдоа 5.105 компании и граѓани кои имаат доспеани долгови до 31-ви јули, а не ги платиле до 31-ви октомври. Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
За физички лица вкупниот износ на долгот е повисок од 2.000 евра, а за правните лица повисок од 5.000 евра. На листата на должници се објавени 1815 правни лица на која има 32 правни лица повеќе од претходната и 3683 физички лица што е за 54 повеќе од претходната листа.
Топ-10 листата на должници ја предводи компанијата „Окитна Трејд“ од Визбегово која должи 648.650.841 денар по основ на ДДВ.
Втора е подружницата на чешката фирма со руски сопственик, „СГСМ Оил Гас Сервис“ која должи 219.457.045 денари, односно над 3,5 милиони евра.
Трето е Јавното комунално претпријатие Гостивар кое должи околу 2,3 милиони евра.
По нив следува „Дивелоп Груп ДОО Скопје“, компанија во чија сопственост е хотелот „Мериот“, со долг од нешто над 2 милиони евра односно 128,5 милиони денари за ДДВ и данок на добивка. „Дивелоп Груп“ е во сопственост на „Бест Веј“, компанија на синот на Сашо Мијалков, Јордан, како и на Александар Ивановски познат како Алек Теранова.
Меѓу најголемите 10 должници е компанија на Трајче Заев, братучед на Зоран Заев која е деловно неактивна и има еден вработен, но должи 2 милиони евра за ДДВ. Оваа компанија е всушност струмичката фирма „Фероцем Плус ДОО Струмица“, основана во јуни 2017 година од Трајче Заев и Јанко Јанев. Таа компанија е преименувана во „Абира Плус ДООЕЛ“ со седиште од Струмица во Куманово, два месеца откако се затвора „Еуростандард банка“ во која должи околу 360.000 евра. Фирмата добива и нов сопственик и управител, Родна Димова која е холандски државјанин.
Целосниот текст можете да го прочитате на следниот ЛИНК.