Македонија

Уште еден починат од западнонилска треска — петмина починати, дваесетина хоспитализирани

Во земјава е регистриран уште еден смртен случај од западнонилска треска, соопшти денеска директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана. Станува збор за 73-годишен пациент од скопската општина Аеродром, односно Ново Лисиче, кој бил примен во тешка состојба и со сериозни придружни заболувања.

Пациентот 22 дена бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, од самиот прием бил во многу тешка состојба, а бил сместен на Одделот за интензивно лекување и ставен на респираторна поддршка.

– Пациентот беше 22 дена на Клиниката и од почетокот на приемот беше во многу тешка состојба. Беше сместен во Одделот за интензивно лекување и ставен на респираторна поддршка – истакна Цана.

Со овој случај, бројот на починати од западнонилска треска во земјава се искачи на пет. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 21 пациент.

Од нив, 18 имаат потврдена инфекција со вирусот и невроинвазивна форма, додека тројца пациенти се сметаат за суспектни.

– Скоро секој ден по некој се хоспитализира и бројката на Клиниката е околу 20 до 21 – изјави директорот Цана.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons