Постои и сезона на разводи: истражување покажа дека паровите најчесто се разделуваат во овие два месеци
Барањата за развод најчесто се поднесуваат во март и август, по празниците и одморите, кога паровите повторно се соочуваат со старите недоразбирања, покажуваат истражувањата.
Иако одлуки за прекин на бракот се носат во текот на целата година, податоците покажуваат изразени скокови во бројот на поднесените барања за развод во одредени месеци.
Според наодите од истражувањето на Универзитетот во Вашингтон, барањата за развод во анализираните американски окрузи најчесто се поднесуваат во март и август, односно, по зимските празници и летните одмори.
Зад оваа анализа стојат социологот Џули Брајнс и докторандот Брајан Серафини. Нивните согледувања укажуваат на тоа дека празничните собири и патувањата можат да влијаат врз исходот на една врска, бидејќи партнерите во тие периоди често имаат високи очекувања од заедничкиот живот – верувајќи дека времето поминато заедно ќе им помогне да ги надминат наталожените несогласувања.
„Ова се моменти во годината кога преовладува чувство на исчекување или, пак можност за нов почеток – нешто поинакво, чекор кон нова животна фаза. На некој начин, тоа е бран на оптимизам“, објасни Брајнс.
Сепак, штом празничната атмосфера ќе стивне, паровите често повторно се соочуваат со нерешени прашања кои се оставени настрана.
Зголемувањето на бројот на поднесени барања во август се случува веднаш по летните одмори, додека периодот помеѓу новогодишните празници и март е нешто подолг. Авторите на студијата го објаснуваат ова со фактот дека на сопружниците им е потребно време за да ги средат своите финансиски прашања, да ангажираат адвокат и да ги направат неопходните подготовки пред всушност да го поднесат барањето.
Покрај сезонските флуктуации, истражувачите забележале дека економските фактори, како што се стапката на невработеност и движењата на цените на недвижностите, влијаат врз вкупниот обем на разводи, но не го бришат основниот календарски ритам. Иако празниците и одморите претставуваат важни моменти за преиспитување на партнерскиот однос, тие сами по себе не се одлучувачки фактор за распаѓање на бракот.



