Начевски и Николов ќе го судат финалето на Светското првенство
Најдобрите македонски судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ја добија честа да ја делат правдата на финалето од Светското ракометно првенство во кое играат Франција и Данска, вечерва од 21 часот.
Македонските судии беа одлични на натпреварите кои ги судеа на мундијалот, по што одлуката падна тие да го судат најголемиот меч на Светското првенство. Ова ќе биде трето финале за Начевски и Николов, тие ја судеа битката за златото на ЕП 2020 како и на Олимписките игри во 2021. Нивното минато и сега добиеното финале покажува дека во моментов тие се најдобрите судии во светот. Македонец ќе има и на мечот за бронзата меѓу Шпанија и Шведска, Драган Начевски ќе биде делегат на овој натпревар.