МВР со детали: Операции на очи наплаќале и од ФЗО и од пациентите, осуммина уапсени
Од МВР информираат дека се поднесени кривични пријави против 11 физички лица и едно правно лице. При претресите биле пронајдени и одземени околу 50.000 евра во готовина и мобилни телефони.
Според наводите во кривичната пријава, во 2020 година двајца тогашни директори на ФЗО, заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните процедури и интерните акти на Фондот.
Со внесување невистинити податоци во електронскиот систем и изготвување фактури со невистинита содржина, установата наводно наплатувала исти здравствени услуги од Фондот и од пациентите. На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплатувана и приватна цена за операциите, без да бидат информирани дека услугите веќе биле наплатени од ФЗО.
Според истрагата, сомнежите се однесуваат и на пропусти во контролата на работењето на установата. Еден од пријавените се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одложувал спроведувањето редовни контроли. Две раководителки на подрачната служба на ФЗО во Скопје, пак, се сомничат дека не ја следеле наплатата на изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон установата продолжувале.
Дополнително, постојат сомнежи дека средствата исплатени од Фондот биле внесувани во платниот промет и користени за плати, набавки и други исплати, иако, според пријавата, потекнувале од незаконски активности.
Штетата за Фондот се проценува на околу 1,7 милиони евра, односно 104,8 милиони денари, за исплати врз основа на фиктивни фактури. Дополнително, се наведува штета од 525.000 денари поради ненаплатени договорни казни.
Според кривичната пријава, приватната здравствена установа во периодот од 2022 до 2025 година наводно се стекнала со противправна имотна корист од околу 4,25 милиони евра. Се проценува дека со двојната наплата биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.



