Контрола на јавниот превоз: Кај 92 возила откриени неправилности, 34 исклучени од сообраќај
Министерството за внатрешни работи вчера спроведе зајакнати акциски контроли на автобуси и други возила со кои се врши јавен превоз на патници на територијата на целата држава.
Во периодот од 8:00 до 13:00 часот биле контролирани вкупно 405 возила, при што кај 92 биле утврдени неправилности.
На технички преглед биле упатени 170 возила, а 34 биле исклучени од сообраќај поради утврдени неисправности.
Во рамки на контролите биле поднесени и три кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик, додека едно возило било одземено согласно член 300-б.
Дополнително биле констатирани уште 239 прекршоци од друг вид.
Од МВР информираат дека за сите утврдени прекршоци се преземени соодветни мерки согласно законските прописи и најавуваат продолжување на зајакнатите сообраќајни контроли со цел поголема безбедност во јавниот превоз.



