Еврејската заедница ќе го проверува потеклото на куќата на клубот „Иван Михајлов“
Еврејската заедница на Македонија започна со процедурата пред надлежната институција за да провери дали куќата во која сега е сместен бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, некогаш била во сопственост на депортирано еврејско семејство.
Од Еврејската заедница на Македонија потврдуваат дека е започната процедура во Катастарот во Битола, за историја на движење на имотот на посочената куќа. Од катастарот им било соопштено дека процедурата ќе трае 7 дена.
– Не би можел да потврдам дали посочениот објект во минатото бил во сопственост на македонски Евреи. Ние започнавме процедура и очекуваме одговор од надлежната институција. Точно е дека отспротива на куќата, се наоѓа објект што е во сопственост на Еврејската заедница на Македонија. Засега немаме конкретна информација, но верувајте дека ќе се потрудиме да ја добиеме – изјави за Плусинфо, Пепо Леви, претседателот на Еврејската заедница во Македонија.
„Nicht um jeden Preis in die EU“ или преведено на македонски јазик „Не по секоја цена во ЕУ“ е насловена репортажата што ја објави германскиот национален ТВ сервис ZDF на германската новинарка Брита Хилперт, која меѓу другото открива дека бугарскиот културен центар во Битола „Иван Михајлов“ е сместен во куќа на еврејско семејство кое во текот на Втората светска војна било депортирано.