Голем интерес за бесплатна вакцинација против сезонски грип
Министерството за здравство информира дека за два дена над 10 000 граѓани се пријавиле за бесплатна вакцинација против сезонски грип на страницата vakcinacija.mk.
Станува збор за пријавени лица од ризичните групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица
– Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи, посочуваат од МЗ.
Изминатиот период беа набавени 60.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип наменети за бесплатна вакцинација.
Вакцинацијата се планира да почне да се спроведува во втората половина на октомври.