Во студентските домови во Македонија ќе може да се престојува максимум до 30 години
Во македонското Собрание се доставени измени на Законот за студентски стандард, со кои се заоструваат условите за користење на сместувањето во државните студентски домови со што се определува 30-годишна возраст, како горна граница, до кога ќе може да се добие сместување во дом.
Со законските измени ќе се изрекуваат и воспитни мерки, како и забрана за престој,ако се пуши во соба, ако се внесува алкохол, доколку се крши инвентарот или се пушта гласна музика и не се одржува хигиена.
За потешки повреди на куќниот ред на студентскиот дом, може да биде изречена забраната на користење на услугите во студентските домови на територија на државата во период од една до пет годни, како на пример, поради внесување и употреба на алкохол во собата, отстапување на користење на собата на друго лице со стекнување на материјална корист, како и нередовно плаќање на станарината.
Во измените се предвидува изрекување на забрана за користење на услугите на студентски дом поради ненавремено пријавување на дефекти на уредите кои би предизвикале материјална штета, внесување и употреба наркотични средства, непридржување кон прописите за заштита од болест, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и повреда на прописите за заштита на животната средина, навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување и десетина други прекршувања.
Измените на Законот за студентски стандард се поднесени пред три дена со потпис на четири пратенички од ВМРО ДПМНЕ.



