Швајцарија: Двајца загинати, пет повредени во лавина на Ајгер
Две лица загинаа, а пет се повредени во лавина на планината Ајгер во Швајцарија, соопшти кантоналната полиција во Берн, објавија денес швајцарските медиуми. Повредените биле префрлени со хеликоптер во болница, објави Swissinfo. „Еден маж почина на самото место, додека другиот им подлегна на повредите во болница“, соопшти полицијата. Во времето на лавината, во областа имало осум лица, а снегот затрупал седум од нив.
Во тек е формална идентификација на починатиот, соопшти полицијата. По инцидентот, кој се случи вчера, започната е обемна спасувачка операција во која учествуваат алпски спасувачки служби, специјалисти со кучиња обучени за пронаоѓање на затрупаните во лавини, медицински екипи и неколку хеликоптери, јавува Танјуг.