Актуелно

 Фотоцентрали и на плодно земјоделско земјиште

Фотонапонски централи и ветерници ќе може да се градат и на најдоброто земјоделско земјиште во Македонија со Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште кој од вчера е најавен на платформата на единствениот национален електронски регистар на прописи.

Министерството за земјоделство предлага големите странски стратешки инвеститори да може да градат енергетски објекти на најплодните земјоделски површини од прва, втора, трета и четврта класа.

„По исклучок од став 2 и 3 на овој член земјоделското земјиште од I до IV катастарска класа може да биде предмет на пренамена доколку урбанистичкиот проект е за планирање на градби за кои со закон е уреден стратешки интерес и пренамената се врши со донесувањето на законот со кој е уреден стратешки интерес“, се вели во предложениот закон.

Земјоделското земјиште од трета и четврта класа ќе може да се пренамени во градежно заради изградба на енергетски објекти во наменски зони, со измени во еден од членовите.  

„Земјоделското земјиште од III и IV катастарска класа може да биде пренаменето заради донесување на урбанистички проект вон опфатот на урбанистички план и урбанистички план вон населено место со кое се планира наменска зона за енергетски градби (хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклерани електрани, ветерни електрани, концетрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани) само доколку во катастарската општина за каде се планира донесување односно одобрување на урбанистичкиот план односно урбанистичкиот проект нема земјоделско земјиште од пониска катастарска класа.“, нагласено е во законските измени.Во членот 51 има уште една значајна измена, а тоа е и дека самите пасишта како земјоделски површини може да се пренаменат во градежни, алудирајќи на тоа дека и таму ќе се градат фотоцентрали.„Земјоделското земјиште под култура пасиште може да се пренамени во градежно во постапка пропишана со Законот за урбанистичко планирање или да се користи за неземјоделски цели согласно со членот 51 од овој закон.“ гласи измената. Според предлагачот, во другите случаи плодното земјоделско земјиште останува заштитено со дефинирани прописи дека не може да се користи за производство на електрична енергија.

Точно пред една година на ЕНЕР се најде закон со кој се создава можност за искористување на земјоделското земјиште во производството на електрична енергија. Во членот 51-а став 1 по зборовите „обработка на земјоделски производи“ се додадоа зборовите „и фотонапонски панели“. Поставување на фотонапонски панели на земјоделско земјиште од класа пет до класа осум се предвидуваше со измените на Законот за земјоделско земјиште, кој беше изработен до завршна процедура. Власта тоа го бранеше дека класите пет, шест, седум и осум не се особено плодни.

Земјоделци веќе реагираа дека на овој начин се уништува земјоделското земјиште што се користи за производство на храна. Според нив, и земјоделското земјиште од петта до осма класа може да се користи за производство на земјоделски култури што не бараат поголема земјоделска обработка. И познавачите на состојбите велат дека во услови на глобален недостиг на храна, непотребно е да се носат измени во закон што предвидуваат поставување фотонапонски централи на земјоделско земјиште.

Енергетски експерти рекоа дека поставувањето фотонапонски централи се прави без план, бидејќи произведената електрична енергија од овие централи треба да се балансира, а ние немаме толкав хидропотенцијал за балансирање. Според нив, треба да се направи баланс помеѓу производството на храна и „трката“ за брз и евтин профит.Некои општини не дозволуваа изградба на фотоволтаични централи на земјоделско земјиште до 4-та класа со одбивање на барањата поднесени од инвеститорите. 

Општините имаат надлежност да издаваат дозволи само за моќност на објекти до 10 мегавати, додека над тоа обврската е на Државата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons