Трошоците на живот во мај повисоки за 11,9, а цените на мало за 12,1 отсто
Трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два, а цените на мало за 1,5 проценти. Во однос, пак, на мај лани трошоците на живот се поголеми за 11,9, а цените на мало за 12,1 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6,7 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6,2 проценти, млекото за 5,4, лебот и житата за 3,7, кафето, чајот, какаото за 3,1 отсто, сирењето и урдата за 2,9, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 2,7, свежото и разладеното овошје за 2,6 проценти, месото за 2,5, рибата и морските плодови за 2,3 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1,6, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,1, пивото за 1, жестоките пијалаци за 0,5 и виното за 0,3 проценти.
Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 19, услугите за сместување за 7,5, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 7, течните горива за домаќинствата за 5,8, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 5,7 проценти, туристичките аранжмани за 4,3, обувките за 3,3….
Намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, има кај воздухопловниот патнички транспорт за 10,5 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 2,4 проценти и електричните апарати за лична хигиена за 1,2 отсто.