Хроника

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА: Две момчиња од Македонија загинаа во Италија (ФОТО)

Единецот во семејството Глигорови, по потекло од Виница, Матео (18) и една година помладиот Симон Стаменков, по потекло од виничко Истибања, загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Италија во вторникот вечерта по 22 часот, објави порталот ММС.

Двајцата со други двајца врсници од Низа Монферато, Пиемонте, се возеле во возило фиат пунто, коешто директно се судрило со возило фолксфаген голф, управувано од 46 -годишен возач.

Матео и Симон на место починале, додека двајцата млади Италијанци, кои се возеле со нив, завршиле во болница. Возачот на голфот исто така има тешки телесни повреди. Силното невреме и неосветлениот пат, според полицијата, се веројатни причини за директниот судир.

Група млади луѓе први пристигнале на лице место на локалниот пат за да им помогнат на преживеаните, кои биле заробени во полууништените автомобили. Младите успеале да ги алармираат надлежните и покрај проблемот со слабиот телефонски сигнал во околината.

Како што пишуваа италијанските медиуми, се’ уште не е целосно јасно како се случила несреќата. Најверојатната хипотеза е дека возачот на пунтото, каде се возеле младите Македонци, изгубил контрола над автомобилот. Од извршените проверки од страна на истражителите, кај возачите на автомобилите не е утврдено присуство на алкохол и дрога во крвта.

Тоа се фактите од трагичната несреќа, која зави во црно две семејства на македонски иселеници во Италија. Семејството на Симон е од Истибања, Кочани, додека Глигорови се од Блатец, Виница. Жителите на Блатец со кои разговаравме се во бескрајна тага за загубата на животот на Матео, кој иако роден во Италија, секое лето го поминувал во родното село на неговите родители.

-Страшна трагедија. Лошата вест веднаш се прошири. Сите го знаеме Матео, кој редовно доаѓаше и се дружеше со неговите врсници. Единец на мајка и татко, кои се од Блатец, како и неговите баба и дедо од двете страни, изјавија жители на Блатец за ММС.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons