Сопствениците на напуштени куќи, станови и викендици ќе плаќаат „Данок на луксуз“
Од Нова година во сметките за струја ќе се воведе нова давачка наречена „пристап до мрежа“. Првиот регулатор убедува дека ова нема да ги поскапи сметките на редовните потрошувачи. Засегнати ќе бидат сопствениците на напуштени куќи и станови или викендици кои ги користат еднаш годишно. Такви се 240 илјади броила. Причина за воведувањето на овој надоместок, како што рече Бислимовски е дека тие имаат постојан пристап до мрежата која е скапа за одржување, а не плаќаат ништо за тоа.
„Дали не сметате дека некој што има пет стана ќе му биде проблем да плати сто денари месечно? Дека кога ќе треба тој стан или да го издаде под кирија или да живее во него, кираџијата доаѓа и вклучува струја. За да вклучи струја, таа мрежа некој треба да ја одржи. Требало да се смени изолатор, требало да се смени трансформатор. Досега тоа го плаќале сите останати кои редовно трошеле електрична енергија“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
Во месечните фактури ќе има фиксен и варијабилен трошок кој всушност ќе биде мрежарината која зависи од тоа колку киловати се потрошени. Се уште не е утврдено колку ќе чини фиксниот трошок или пристапот до мрежа, но според првичните проценки ќе биде од 50 до 250 денари. Со воведувањето на новата давачка, се очекува мрежарината да се намали до 20% што во превод значи намалување на крајната цена за редовните потрошувачи за околу 8%.
„Некој може да рече данок на лускуз., може и така да се каже. Овие што имаат викендички, два или три стана, не можат да живеат во исто време во два или три стана или во викендичка и стан, ќе плаќаат повеќе преку овој фиксен надоместок за користење на мрежа“ – Рубин Талевски, универзитетски професор
Во меѓувреме, калкулаторот на РКЕ е вклучен. Се собираат и анализираат барањата на енергетските компании, а според досега познатите бројки, доколку се прифатат сите барања, цената на струјата би се зголемила за 27%.
Регулаторна за десетина дена ќе ги одреди тарифите за МЕМО, МЕПСО и Електродистибуција, а потоа ЕВН Хоум ќе ги собере и ќе ја пресмета новата цена. Таа мора да добие зелено светло од РКЕ.
Вчера и премиерот рече дека трошаџиите во третиот и четвртиот блок ќе плаќаат поскапо оти се лусксузираат и загреваат поголеми соби и базени.