Сметките за струја за една година пораснале за две третини на слободниот пазар
Потрошувачите на електрична енергија на слободниот пазар, во најголем дел претпријатијата и државните органи, лани во просек плаќале за 58,36 отсто поскапа струја, покажуваат пресметките на Регулаторната комисија за енергетика во годинешниот извештај за 2021. Просекот важи за цела година, а секако оној за октомври, ноември и декември, кога настапи енергетската криза, би бил многу поголем.
Просечната продажна цена на електрична енергија од трговци/снабдувачи, вклучувајќи ја тука и онаа за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа, во 2021 година изнесувала 5.684,7 денари за мегаватчас, или 92,43 евра. За споредба, цената во 2020 била 3.220 денари, или 52,36 евра за мегаватчас.
Од РКЕ велат дека поради есенскиот шок со цените на меѓународниот пазар и нарушувањата на билатералните посреднички договори, просечната вредност на продадената електрична енергија била поевтина од цената на берзата, што за прв пат се случува ваков феномен.
„За првпат по 2017 година може да се забележи дека просечната набавна цена е повисока од просечната продажна цена, што резултираше со тоа повеќе активни снабдувачи/трговци на пазарот со електрична енергија да се соочат со сериозни проблеми во своето работење, откажување на договорите за набавка на електрична енергија од своите партнери од соседните земји, креирање високи нето дебаланси, при што дел од нив и ги прекинаа деловните активности на крајот од годината“, вели регулаторот во извештајот.
Најголем продавач на слободниот пазар бил ЕВН Снабдување со 982.438 мегавати и околу една четвртина учество. Следува ЕДС со 645.080 мегавати и учество на пазарот од 16 отсто. Во Топ-5 се уште ЕФТ со 559.622, ГЕН-И со 554.075 и У-ПОВЕР со 198.793 мегавати.
Во однос на 2020, кај ЕВН Снабдување, ГЕН-И и У-ПОВЕР се забележува значително зголемување на продадените количини за крајните потрошувачи, додека кај ЕДС и ЕТФ има осетно намалување.