Скопје и Софија да се посветат на дијалогот и развојот на добрососедските односи, порача Брисел
Брисел ги повика Скопје и Софија да се посветат на дијалогот и да избегнуваат непотребни тензии. Додека македонските власти, чекаат да завршат изборите во Бугарија, закажани во првата недела на април, за да воспостават комуникација со новата влада, бугарскиот претседател Радев продолжува да бара поддршка од европските партнери за нејзините позиции во однос на билатералните прашања со Северна Македонија.
Европската комисија во врска со последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје порача дека Бугарија и Северна Македонија треба да промовираат атмосфера на дијалог и да избегнуваат непотребни тензии.
– Многу внимателно го следиме развојот на настаните поврзани со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Европската комисија потсетува на важноста на добрососедските односи. Во овој контекст, потребни се напори од сите страни да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување и да се избегнуваат непотребни тензиии, истакнале од ЕК за БНТ.
Брисел не ги коментира случувањата на границата на 4 февруари. Велат дека не коментираат тековни истраги или правни постапки.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон испрати писмо до шефот на македонската држава Стево Пендаровски во кое изразува честитки за постигнатиот напредок на патот кон евроинтеграциите во последната година и подвлекува дека земјата може да смета на целосна поддршка од Париз за процесот на преговори со ЕУ. Тој особено го потенцира одржувањето на првата меѓувладина конференција за земјава за пристапување кон ЕУ, нагласувајќи дека со постигнатиот договор со Бугарија, целосно се почитува македонскиот идентитет, за што доказ е договорот Фронтекс.
Во писмото Макрон потсетува на присуството на Франција во сите клучни моменти од македонската историја од периодот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји се до денес.