САД: Шведска и Финска ќе бидат безбедни по поднесувањето барање за членство во НАТО
Соединетите Држави се цврсто убедени дека можат да ја отстранат секоја причина за загриженост за безбедноста на Шведска и Финска во периодот по аплицирањето за членство во НАТО и пред да бидат примени во алијансата, соопшти Белата куќа. Шведска и Финска се загрижени дека би можеле да бидат изложени на руски закани во процесот на пристапување, кој може да потрае и до година дена, се додека не бидат одобрени од сите 30 членки на НАТО.
„Цврсто веруваме дека ќе најдеме начини да се справиме со секоја причина за загриженост што овие земји може да ја имаат во периодот помеѓу поднесувањето барање за членство во НАТО и официјалното пристапување во алијансата“, рече на брифинг портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
Се очекува овој месец Шведска и Финска да одлучат дали ќе аплицираат за влез во НАТО. Шведската министерка за надворешни работи Ен Линде по состанокот со американскиот државен секретар Антони Блинкен во средата изјави дека добила безбедносни гаранции, но не наведе детали.
Шведскиот министер за одбрана минатиот месец рече дека барањето може да предизвика низа реакции од Русија, вклучувајќи сајбер напади и хибридна војна – како што се пропагандни кампањи – за да се наруши шведската безбедност.