Актуелно

Почнува реконструкцијата на Универзалната сала, рокот за завршување е декември 2027

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков соопшти дека е завршена постапката за избор на изведувач за реконструкција и модернизација на Универзалната сала, со што, според неговата објава, се отвора патот за почеток на градежните работи.

Тој наведе дека Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одбила како неоснована жалбата на економски оператор и го потврдила изборот на најповолната понуда, со што е надмината и последната правна пречка за старт на проектот.

„Постапката за избор на изведувач за Универзалната сала успешно е заокружена, откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата на економскиот оператор и го потврди изборот на најповолна понуда. Со ова се отстранува и последната правна пречка за старт на градежните работи“, објави Љутков на Фејсбук.

Според информациите што ги сподели министерот, проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата на Универзалната сала треба да заврши до декември 2027 година.

Во објавата се посочува и дека проектот е дел од подготовките на Скопје за титулата Европска престолнина на културата 2028. Според најавите, по реконструкцијата салата треба да прерасне во современ објект за одржување концерти, театарски претстави, фестивали и други културни настани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons