Подземната улица под Лимак е речиси готова, но нема да се користи
Инвеститорите од „Лимак“ според договореното со Град Скопје ја изградија подземната сообраќајница под мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“, но ништо не е мрднато од место кога станува збор за кружните текови на источната и западната страна од објектот, кои требаше да ги изгради Градот, анализира „Плусинфо“.
Инвеститорот на комплексот „Diamond of Skopje“ вели дека основата на сообраќајницата е готова, бидејќи таа морала да биде завршена за да може врз неа да се градат останатите објекти кои се составен дел од инвестицијата вредна 350 милиони евра.
Дел од проектот е и подземната сообраќајница што се протега под комплексот „Diamond of Skopje“ и е долга 746 метри и широка 37 метри. Подземната сообраќајница има по две сообраќајни ленти и помошна лента во двата правци и две трамвајски линии во средината. Во моментов, бетонските работи на подземниот тунел се комплетно завршени, односно вкупната должина од 746 метри е целосно ископана, со поставени потпорни ѕидови и фундамент. За нејзината изградба е извршен 14 метри длабок ископ, по што се изградени потпорни ѕидови, кои се веројатно меѓу највисоките во земјава, и на нив е поставен фундамент. Се работи за важен инфраструктурен проект чие ставање во функција ќе овозможи брзо движење низ центарот на градот, што е клучен предизвик во централните градски подрачја. Изградбата на подземната сообраќајница, како и изградбата на останатите две станбени згради, e планирано да се заврши во текот на следната година. Вкупната инвестиција во целиот проект достигна 350 милиони евра, изјавија инвеститорите за Плусинфо.
Оттаму додаваат дека се во постојана комуникација со Град Скопје, но дека засега нема никакви активности, ниту во делот на кружниот тек кај Водњанска, ниту пак кај Јужниот булевар, особено откако во октомври се случи отворањето на трговски центар „Diamond Mall“, при што се зголеми бројот на возила кои се движат во овој дел од градот.