По седум години бегство, се предаде Дејан Давидовски баран со меѓународна потерница за настаните од 27 април
По седум години бегство, на граничниот премин Деве Баир за влез во Македонија, се предаде на полицијата Дејан Давидовски- кој беше баран со меѓународна потерница поради упадот во Собранието на 27 април. Но од полицијата само со кратко соопштение и без детали, објавија дека Давидовски се предал на Деве Баир попладнево.
На 25.08.2024 во 10.30 часот на ГП Деве Баир, на влез во РСМ, се пријавил Д.Д. (43) од Скопје и при редовната пасошка контрола е констатирано дека евидира на стоп листата со мерка „лиши од слобода“ за кривично дело по член 313 од КЗ и за кој од страна на Основен суд Скопје 1 на 18.12.2017 е одредена мерка притвор, по што лицето е лишено од слобода.
Адвокатот Тони Менкиновски, кој го застапува Давидовски и го пречека на граничниот премин кога се предаваше на полицијата вели, тој се вратил во Македонија за да докаже дека е невин, како што докажал и во Шведска.
Давидовски е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тој пред пет години беше уапсен на аеродром во Шведска, откако по него трагаше Интерпол, но набрзо беше ослободен од тамошните власти. Македонија веднаш побара тој да биде екстрадиран, но шведскиот Врховен суд го одби барањето на македонските власти. Меѓу образложението на ваквата одлука составена од 18 точки стоеше дека не постојат доволно докази дека сторил дело тероризам, но и дека ако се врати во Македонија нема да му се суди фер и законски.
Давидовски пред две години во интервју за Алфа, кажа дека шведските судии се смееле кога виделе дека му се суди за дело тероризам. Тоа што во Шведска се сметало за протест, во Македонија било терористичко загрозување на безбедноста.
Тоа не е тероризам туку обичен бунт, значи така го толкуваат во пресудата. Сите сознанија што ги прибираа, докази. Се смееја на нашите политичари тероризам што е делото, меѓутоа се има завршница. Делото ни најмалку не е тоа дело тероризам. Понискиот ранг на судии, па после и Врховниот Суд, петте судии кога одлучуваа, тероризам им беше многу смешно на нив, изјави Давидовски.
Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска- Давкова во нејзината предизборна кампања најави дека доколку стане претседателка, ќе ги помилува осудените за 27 април, за што се отвора прашањето дали предавањето на Давидовски по седум години бегство е мотивирано од ветувањата на претседателката.
Од Обвинителството чекаат известување од МВР за да постапат за Давидовски.