Педесет научници: Светот забрзано се загрева, последиците ќе бидат тешки
Рекордно високи емисии на гасови со ефект на стаклена градина и намалувањето на загадувањето на воздухот предизвикале незапаметено забрзување на глобалното загревање, предупредија денес 50 истакнати светски научници. Од 2013 до 2022, „загревањето предизвикано од човечките активности расте со незапаметен ритам од повеќе од 0,2 Целзиусови степени по деценија“, објавија научниците во рецензираното истражување наменето за креаторите на политиките.
Просечните годишни емисии во истиот период изнесувале рекордни 54 милијарди тони јаглерод диоксид или еквивалент во други гасови со ефект на стаклена градина, што е околу 1.700 тони секоја секунда. Светските лидери ќе ги добијат новите податоци на климатскиот самит КОП28 во Дубаи оваа година на кој ќе биде разгледан напредокот кон остварувањето на целите од Парискиот договор за климата од 2015 година.
„Иако сè уште не сме достигнале загревање од 1,5 степени, јаглеродниот буџет, односно количеството гасови со ефект на стаклена градина кое луѓето може да го испуштаа а да не го надминат тој праг, веројатно ќе биде надминат за само неколку години“, кажа главниот автор на извештајот Пирс Форстер, професор по физика на Универзитетот во Лидс.
Тој буџет се намали за половина откако советодавното тело на ОН за климата, Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), ги собра податоците за својот најнов извештај од 2021, според Форстер и колегите, од кои многумина учествуваат во работата на ИПЦЦ.
За да има 50-отстотни шанси да се сопре загревањето под прагот од 1,5 Целзиусови степени, емисиите на јаглерод диоксид, метан и други гасови кои го предизвикуваат глобалното загревање, од кои повеќето се предизвикуваат со согорување фосилни горива, не смеат да надминат 250 милијарди тони, истакнаа научниците.
Подобрувањето на шансите на две третини или четири петтини би го зголемило маневарскиот простор на 150 односно 100 милијарди тони емисии на штетни гасови, што е две до три години повеќе по сегашниот ритам на емисиите.
За париските климатски цели да останат во игра, би требало да се намали загадувањето со јаглерод диоксид за барем 40 отсто до 2030 и целосно да се елиминира до средината на векот, според пресметките на ИПЦЦ. Иронично, една од големите климатски успешни приказни од минатата деценија ненамерно го забрзала ритамот на глобалното загревање, покажуваат новите податоци.
Постепеното намалување на користењето на јагленот, кој значително повеќе загадува од нафтата и гасот, за производство на енергија го успорило зголемувањето на емисиите на водородот. Но и го намалило загадувањето на воздухот кое ја штити Земјата од целосната сила на Сончевите зраци. Загадувањето со ситни честички од сите извори го ублажува загревањето за околу половина Целзиусов степен, што значи дека, барем краткорочно, повеќе топлина ќе стигне до површината на планетата бидејќи воздухот е почист.
Новото истражување објавено во магазинот Ерт систем сајенс дета е прво во низата периодични анализи на состојбата кои ќе помогнат да се пополнат празнините меѓу извештаите на ИПЦЦ, кои се објавуваат во просек на секои шест години од 1988.
Една од авторките на извештајот, Валери Мејсон Делмоте, кажа дека новите податоци би требало да бидат аларм за будење пред самитот КОП28, иако постојат докази дека зголемувањето на количеството на штетни гасови во атмосферата успорило.
Подолгите и поинтензивни топлински бранови ќе бидат закана опасна по живот во децениите кои претстојат во големи делови од јужна и југоисточна Азија и во подрачјата околу екваторот во Африка и Јужна Америка, покажуваат новите истражувања.