Откупот на тутунот може да заврши до крајот на декември
Откупот на тутунот се одвива непречено, без проблеми и според динамиката се очекува да заврши до Нова Година, информираат од Државниот земјоделски инспекторат.
Досега се откупени преку 9 000 тони по просечна цена од над 275 денари за килограм.
Според Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат, откупуваат сите 10 компании и досега нема оспорена проценка.
Тутунот се откупува со забрзано темпо. Дневно, компаниите преземаат околу 1000 тони и со оваа динамика, се очекува откупот да заврши пред Нова Година. Досега се преземени над 9 000 тони, а просечната цена е преку 275 денари за килограм. Нема ниту едно оспорување на проценката и солидниот квалитет ќе донесе и повисоки субвенции за тутунарите, вели Станкоски.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, информира дека откупот тече непречено и без проблеми. Дури, дневно просечната цена достигнува и 295 денари.
Откупувата сите 10 регистрирани компании на над 285 пункта со 220 ваги. Дневно, просечната цена достигнува и 295 денари за килограм. Навремено се одвива и исплатата. Повереници има на сите ваги и досега нема оспорени количества тутун, вели Стомнароски.
Се очекува годинашнава реколта да тежи околу 21 000 тони, иако со компаниите беше договорен род на преку 25 000 тони тутун.