Опожарена Универзалната сала, материјалната штета допрва ќе се утврдува
До темел изгоре Универзалната сала во Скопје, откако вчера претпладнево избувна пожар, кој заврши без жртви или повредени, но со материјална штета која допрва треба да се утврдува. Причините за пожар за сега не се познати, но приведени се тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот.
По пожарот, две женски лица биле однесени на Токсикологија. Како што потврди вчера за МИА професор доктор Нико Беќаровски од оваа клиника, две женски лица на средни години биле донесени на клиниката поради мала изложеност на гасови, од соседната зграда.
Подоцна во текот на вчерашниот ден од МВР соопштија дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во Универзална сала во Скопје.
Пожарот во Универзалната сала избувна вчера околу 9 часот. Информацијата ја соопшти Центарот за управување со кризи, укажувајќи дека гори една од куполите на објектот и дека пожарникарите се на самото место и се обидуваат да го изгаснат пожарот, по добиена пријава од Единствениот број за итни случаи 112.