ОПМ: Не ги оставајте картичките, ако не сте сигурни во онлајн трговецот!
Граѓаните во ОПМ се јавуваат по неколку месеци да пријават дека од картичката им биле симнати по 2.000 – 3.000 евра. Тоа е затоа што потрошувачите ставаат податоци и по неколку месеци може да им бидат повлечени пари од сметката
Не давајте лични податоци, ниту платежни картички кога купувате од несигурни онлајн трговци, предупредува Организацијата на потрошувачи на Македонија. Одтаму, велат дека „треба да се отворат четири очи“, посебно ако се утврди дека одредена платформа нема оставено контакт или адреса. До ОПМ, стигнале сериозни поплаки, кога потрошувачите купиле нешто на некоја платформа, ја ставиле картичка и откако им биле симнати парите, им текнало дека се измамени.
-Кај нас се јавуваат по неколку месеци да пријават дека од картичката им биле симнати по 2.000 – 3.000 евра. Тоа е затоа што потрошувачите не внимаваат каде ја оставаат картичката, ставаат податоци и по неколку месеци може да им бидат повлечени пари од сметката. Затоа апелираме постојано и едуцираме – предупредуваат од ОПМ.
Инаку, во изминатите три години, онлајн купувањето е драстично зголеменио, што пак резултира со зголемен број на поплаки за нелегалната интернет продажба.
-Најголемиот број поплаки се однесуваат токму на нелегалната продажба, од нерегистрирани субјекти на социјалните мрежи. Потрошувачите се измамени, им се доставуваат производи со различен квалитет и боја од она што го нарачале, некогаш им се доставуваат и детски играчки, а нарачале технички апарат. Исто така, не им се доставува гаранција. Тука посебно треба да се внимава – велат од ОПМ.
Граѓаните треба да истражат дали некоја интернет „продавница“ навистина постои физички. Ако не, тоа дава некаков сигнал дека е можеби нелегална. Кај нас се уште нема механизам за нелегалните онлајн продажби и потрошувачите нема како да се заштитат.
-Се обраќаат до Државниот пазарен инспекторат, но ако немаат фискална сметка, фактура, како доказ за плаќање, не можат да си ги остварат правата. Нашата препорака е – да се внимава од кого се купува и без фискална сметка или друг доказ, да не се подига производот што ни е доставен – подвлекуваат од ОПМ.