МакедонијаНајново

ОМД бара специјални одредби за дијаспората по истекот на рокот за менување на личните документи 

Обединета македонска дијаспора (ОМД) во отвореното писмо до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека организацијата не ја прифаќа потребата за промена на личните документи, ниту пак одлуката дека документите кои не го содржат новото уставно име ќе престанат за важат на 12-ти февруари 2024 година. Според ОМД, секаде во светот, на лица кои стапнуваат во матичната држава не може да им биде одбиен влез без разлика на валидноста на нивните патни исправи.

На македонците во дијаспората им е обично потребно една година, ако не и повеќе, да извадат нови патни исправи, а ОМД Нашата вложила многу време и труд работејќи со конзуларните претставништва, за да им помогне на илјадници Македонци да добијат државјанства и нови патни исправи. Поставувајќи арбитрарни датуми, како овој во февруари, е многу штетна политика. Повеќе од веројатно е дека многу Македонци во дијаспората нема да можат да ги обноват своите пасоши во овој рок, со што ќе биде спречено нивното влегување во Република Македонија, реагираат од ОМД.

„Исто така, овој арбитрарен датум ќе обесхрабри многу Македонци од обновување на нивните патни исправи. Дали вашето министерство размислило за последиците со кои многу Македонци нема да можат да дојдат во Македонија оваа година, дека нема да можат да гласаат на претстојните избори? Дали вашето министертсво ја разбира големината на навредата кон илјадници Македонци во дијаспората и зголемувањето на јазот со матичната држава? Покрај предизвиците, сметаме дека настаната ситуација отвора врата за подобрување на услугите за пријавување, издавање или обнова на документација која ние како заедница со години наназад ги бараме од нашата татковина Македонија“, велат во реакцијата од ОМД.

Затоа организацијата предлага продолжување на важноста на документите.

„Имајќи ги во предвид логистичките предизвици и временскиот рок, Ве молиме да ја продолжите важноста на документите по истекот на дадениот рок од 12-ти февруари 2024 година. Предлагаме и онлајн услуги за обновување на документи односно имплементирање на онлајн платформа што ќе им овозможи на македонските граѓани кои живеат во странство да се пријават за обновување на нивните пасоши и други важни документи со верификација на нивниот изглед и отисок од прсти. Ова не само што ќе го олесни процесот, туку и ќе ја исфрли потребата од прекумерно патување. Предлагаме и персонал за поддршка на дијаспората односно вработување на стручен персонал во сите македонски ДКП-а, вклучувајќи и амбасади и конзулати, за поддршка на македонските заедници во дијаспората, кој може да им пружи техничка помош на македонските граѓани околу процесот на обновување на документите“, велат од ОМД.

Од ОМД прашуваат како ќе им се овозможи на македонските граѓани кои нема да ги обноват патните исправи до 12-ти февруари да гласаат на изборите.

„Од суштинско значење е да се обезбедат јасни упатства и механизми за македонските граѓани надвор од Македонија да можат да го искористат своето право на глас како и легитимноста на самите документи за пријава. Затоа предлагаме специјални одредби за гласање за дијаспората, што ќе им овозможи да учествуваат во изборите иако документите истекуваат, стартување на комплетни кампањи за комуникација за информирање на дијаспората за процесот на гласање, условите за легитимност и регистрација и било какви дополнителни мерки кои ќе овозможат остварување на граѓанското и уставното право на луѓето кои поседуваат македонски пасош. Веруваме дека со надминување на овие предизвици, македонската Влада може да ја засили својата врска со дијаспората и да ги заштити демократските права на своите граѓани што живеат надвор од земјата“, велат во отвореното писмо до министерот Спасовски од ОМД.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons