Од први септември почнува ловот на дивите свињи како една од мерките против африканската свинска чума
Ловната сезона почнува на 1. септември на сите ловишта освен на ловиштата во општините Македонска Каменица, Виница, Кочани и Делчево, реши Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство. Со ова решение почнува итна максимална депопулација на дивите свињи според акцискиот план на Министерството и на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Одобрувањето на почеток на лов на диви свињи е една од мерките за спречување на ширењето на болеста африканска свинска чума, која сериозно го загрозува свињарскиот сектор.
Согласно Законот за ловство, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес на државата ужива посебна заштита и подлежи на законски мерки во случај на појава и ширење на заразни болести.
Концесионерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ „Национални паркови“ и ЈП „Национални шуми“ – Скопје како привремени управувачи на ловиштата без концесионер, потребно е да го прилагодат своето работење согласно ова решение.
Концесионерите на дивеч во ловиштата се должни ловот да го организираат во присуство на ловочувар, инспектор за ловство и доктор по ветеринарна медицина, а застреланиот дивеч по завршувањето на ловот да се складира на одредено место обележано од страна на концесионерите на дивечот во ловиштата. Исто така, се задолжуваат концесионерите и управувачите со државни ловишта во рок од 5 дена да определат ловни денови за засилен отстрел на диви свињи и да ги преземат сите мерки пред почетокот на ловот, соопшти Министерството за земјоделство.