Од понеделник граѓаните може да аплицираат за субвенции за инвертер клима уреди
Градот Скопје во понеделник ќе го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување за 2022 година, а граѓаните ќе може да аплицираат онлајн. Во Буџетот на Град Скопје за 2022 година за оваа намена се предвидени 24 милиони денари.
На повикот може да аплицираат лица што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 01.01.2022 година и се жители на Град Скопје (општини Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај) и кои ги исполнуваат предвидените услови.
Повикот ќе биде отворен до 01.11.2022 година или до денот на исцрпување на средствата. Јавниот повик ќе се реализира по редослед на аплицирање, односно по дата и време на аплицирање и по испратена потврда за предадена печка.
Согласно условите од јавниот повик граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.
На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење без оглед на тоа дали го користат, како и лица кои претходно добиле субвенции за набавка на печки на пелети или инвертери.
Документацијата потребна за онлајн аплицирање ќе биде објавена во понеделник на интернет страната на Град Скопје www.skopje.gov.mk , а аплицирањето ќе се врши преку платформата www.uslugi.skopje.gov.mk , која исто така ќе биде активирана во понеделник.