АктуелноСпорт

Ова е победничка Македонија: Супер-издание и заслужена победа над Швајцарија 

Македонската репрезентација славеше со 29-27 над Швајцарија, за прва радост на ЕП 2024 откако нашите ракометари одиграа извонреден натпревар, заслужено совладувајќи ја селекцијата што пред два дена ремизираше со Франција. Избраниците на Лазаров беа фантастични, но и селекторот мајсторски ја постави тактиката, тајмаутите му вродија со плод и донесоа резултат кога беше најважно. Покажавме и квалитет и карактер и на крајот заслужено се радувавме на победа, како потврда дека оваа генерација е способна да носи триумфи на големите натпреварувања.

Од самиот почеток беше очигледно дека играта ни е на далеку повисоко ниво од првите две средби на овој шампионат, Талески и Костески ги реализираа првите два напади и најавија подобро издание на „црвено-жолтите“ на овој дуел во „Мерцедес Бенц Арена“. Се играше израмнето се до предноста на Швајцарија од 4-5, кога Македонија заигра фантастично како во нападот, така и во одбраната, успевајќи да постигне шест гола во серија и да поведе со 10-5. Во овој период на голот блескаше Томовски, противникот се реши и за „седум на шест“, но откако три пати успеавме да се одбраниме и еднаш постигнавме гол во празна мрежа (преку Костески по украдена топка на Велковски) ги натеравме Швајцарците да се откажат од оваа тактика во нападот.

Противникот успеа да намали од 10-5 на 10-8, но по тајмаутот што го зеде Лазаров следеше нова мини-серија на Македонија. Јагуриновски најпрвин асистираше до Пешевски, потоа десниот бек самиот стрелаше прецизно, давајќи значаен придонес за Македонија да замине на одмор со предност од четири гола (13-9).

Второто полуверме почна со осмата одбрана на мечот на Томовски, по што Пешевски стрелаше прецизно на спротивната страна за нова предност од пет гола (14-9). Томовски во 34. минута ја забележа и 10. интервенција, а шоуто на Македонија продолжи со цепелинот што Филип Талески го претвори во водство од 16-11. При 17-12 Џонов заработи исклучување, а во тие две минути примивме три гола (два во празна мрежа) и противникот експресно намали на 17-15. Лазаров побара тајмаут, Атанасијевиќ изнуди исклучување, а потоа истиот играч погоди од крило прекинувајќи ја мини-серијата на Швајцарците. Митев продолжи извонредно да ги разигрува соиграчите, па со новиот гол на Атанасијевиќ се вративме на „плус четири“ (21-17).

Дојде до криза во нашата игра, не реализиравме два напада „седум на шест“, а Шмид влезе во ритам на спротивната страна и водството се истопи на 21-20. Швајцарија лесно влезе во гол-серија, па во 49. минута при наше водство од 23-22 на голот застана Кизиќ на местото на Томовски. Проблемите кулминираа кога Шмид со својот десетти погодок израмни на 23-23, а згора на тоа Лазаревски заработи исклучување. Во најлош момент следеше загубена топка од Митев, но Кизиќ блесна кога беше најважно, бранејќи пенал при 23-23.

Македонија се разбуди, Костески даде извонреден гол од крило, Кизиќ одбрани уште еден шут, но потоа имавме загубена топка при напад за „плус два“ (24-23). Следеше уште една грешка во нападот, што Шмид ја претвори во водство на Швајцарија од 24-25. Првиот пенал на мечот го добивме во 55. минута по старт врз Јагуриновски, по што Никола Костески израмни на 25-25. Се играше гол за гол, Талески стрелаше за 27-27, а Лазаров за последните две минути на голот го врати Томовски. Јагуриновски блесна, најпрвин со украдена топка, а веднаш потоа и со гол, за водство на Македонијаод 28-27 на една минута до крајот. Швајцарскиот селектор побара тајмаут,  но Томовски жива ја фати топката по шутот на Мануел Зендер, па Македонија имаше „плус еден и напад“ на 30 секунди до крајот, кога Лазаров го побара својот последен тајмаут на натпреварот.

Мајсторски ја одигравме последната акција, Јагуриновски до Митев, а младиот бек на Алкалоид со прекрасен погодок стави печат на големата победа, изразена со конечните 29-27.

Митев и Костески со по пет погодоци беа најефикасни во нашиот табор, по четири постигнаа Кузмановски и Пешевски, но најдобар поединец во нашиот табор беше Томовски со 12 одбрани, додека Кизиќ го заврши мечот со две успешни интервенции.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons