Актуелно

Нова генерација деца бегалци, 77.000 млади заминале од државата 

Со поразителни бројки се одбележува и овогодинешниот Меѓународен ден на младите 12 Август. Проценката е дека во последните години повеќе од 77.000 млади лица родени во Македонија заминале од татковината. Бројот на младото население од 2002 година е паднат од една четвртина од населението на 18 проценти.

„Не се издвојуваат доволно средства за поддржување на политики за млади, не се остваруваат бројките кои се предвидени по Законот за младинско учество донесен пред три години, а само во осум општини младите можат да посетат младински центар затоа што другите немаат. Покрај квалитетна работа, на младите важно им е и подобрено образование и инфраструктура, подобрување на грижата за животната средина, спортот и рекреацијата и други теми коишто не се само од интерес на младите туку и од сите“, вели директорката на Фондацијата за демократија на Вестминстер во земјава, Дона Костуранова.

Меѓу два пописи од 2002 до 2021 година анализите покажуваат дека бројот на младите се намалил за шест проценти. Ова се наведува и во најновите анализи „Младите и пописот на населението“ и „Финансирање на младинските политики“ кои беа промовирани во рамки на конференцијата „Младински состојби и финансирање на младинските политики во Македонија”, организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Во 2002 година државата имала 480.848 млади, додека во 2021 година има 326.733 млади лица. Сите општини ги „губат“ младите сили, само Липково има пораст на населението од 2 отсто.

Образованието, инфраструктурата, невработеноста се дел од причините за големото иселување на младите од земјава.

„Кога би направиле споредба со пописот од 2002-та година вкупниот број на млади изнесува 24% од вкупниот број на население, додека пак сега според пописот во 2021-та година тоа е 18%, што претставува пад од 6%. Меѓутоа освен овој податок она што треба дополнително да се земе предвид дека 77.000 млади луѓе кои што биле родени во оваа држава повеќе не се резиденти што повторно укажува на тоа дека младите во сѐ поголеми бројки за жал ја напуштаат државата“, вели Петар Барлакоски претседател на Младински образовен форум. 

Социјалниот,културниот, образовниот,еконосмкиот фактор ги тера поголем дел од младите да ги избираат урбаните наместо руралните средини. Па затоа ако сакаме да ги задржиме младите во земјата треба да им понудиме можности, иднина и квалитетен живот, сметаат познавачите.

„Колку платите се пресудни за задржување на младите зо земјава? Во истражувањето таа тема конкретно не е обработена, но сепак кога ги прашуваме младите што е една од важните прашања тие го посочуваат вработувањето. Во нашата земја има пад на невработеноста но сепак сме далеку од европскиот просек“, вели Костуранова.

„Мал дел од општините издвојуваат 0,1 % од своите буџети за млади и сметаме дека ова треба ургентно да се промени. Дел од причините кои што доведуваат до ваква позиција е тоа што законот за млади не содржи рокови во кои што општините треба да ги исполнат обврските кои што законот им ги дава и затоа треба еден заеднички напор“, вели Катерина Шапкова Коцевска, авторка на студијата за „Финансирање на младинските политики“.

„Ако секаде во светот паролата за пописот гласи да обезбедиме податоци за иднината тогаш иднината дефинитивно останува на младите, што значи дека податоците што ги собравме треба да се употребат, да се искористат таа иднина да биде многу подобра за нив. Овие податоци покажаа многу лоши тенденции за жал младите ја напуштаат државата. Меѓутоа до скоро 20 години не го знаевме ова, или го гледавме а не сакавме да го видиме“, вели Апостол Симовски директор на Државен завод за статистика.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons