Никој не е надлежен да утврди застареност на долгови?
И извршителите и судот се прогласија за ненадлежни за утврдување рок на застареност, а според измените на Законот за облигациони односи од 20 август, треба да прекинат сите постапки на извршување над 10 години од денот на поднесување на барање за извршување
Голем број граѓани поднеле барања за прекин на извршните постапки кај кои се поминати повеќе од 10 години од денот на доставување, според измените во Законот за облигациони односи, но извршителите се изјасниле за ненадлежни за утврдување на застареност на долг, велат од граѓанските здруженија „Човекот над профитот“, „Но пасаран“, Конфедерација на синдикални организации на Македонија и од Партијата за целосна еманципација на Ромите.
За овој проблем тие упатија и писмо до Владата, објаснувајќи што се случува.
„Имајќи го предвид новиот Закон за облигациони односи што е влезен на сила на 20.7.2023, голем број граѓани што поднеле барања за прекин на извршните постапки кај кои се поминати повеќе од 10 години од денот на доставување на барањето за извршување од доверителот до извршителот (кои се застарени според ЗОО), добиваат одговори од извршителите дека не биле надлежни да утврдат застареност, упатувајќи ги граѓаните да се обратат до надлежниот.
Откако граѓаните ќе се обратат на суд по укажување од извршителите, судот одговара дека не бил надлежен да ја утврди застареноста, ниту да му наложи на извршителот да презема какви било дејствија?!“, пишува во писмото упатено и до Владата.
slobodenpecat.mk