НАТО ќе интервенира на Косово ако дојде до ескалација
НАТО е подготвен да интервенира на Косово ако е потребно.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, порача дека можат да реагираат брзо и пропорционално во случај на ескалација. Тие ќе ја гарантираат безбедноста на северот од Косово.
„НАТО е подготвен да интервенира во пократок рок, имаме таму сили, ќе бидат распоредени таму каде што е потребно, го зголемивме присуството на северот, детално сум известен за можностите на распределување, одговорот ќе биде пропорционален“, рече Столтенберг.
КФОР располага со речиси четири илјади војници на Косово и НАТО е уверен дека тоа помага за решавање на состојбата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, попладнево се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на Алијансата, при што разговарале за последните инциденти на северот на Косово, јави дописничката на МИА од Брисел.
По Вучиќ, Столтенберг веднаш попладнево се сретнува и со косовскиот премиер, Албин Курти, на истата тема.
На крајот на јули ситуацијата на северот на Косово се вжешти по одлуката на косовската влада да им бара на Србите од Косово влез со привремени документи, наместо српски лични документи, и побара да бидат сменети регистарските таблички на возилата од српски на косовски во рок од два месеци. Последните години во неколку наврати имаше тензии на Косово.