Актуелно

Наставниците стануваат дефицитарни

Недостатокот од наставен кадар во основните и средните училишта е резултат на намалениот број студенти на одредени факултети, но и на незаинтересираноста на дипломираните млади луѓе да се занимаваат со оваа професија. 

Не ретко се случува одреден предмет да го предава наставник со несоодветно образование, што во догледно време ќе продуцира целосно нарушување на образовниот систем.

„Прстот на чело“, пред се, треба да си го стави Министерството за образование, затоа што наставниците се оставени, не се доволно платени, мотивација никаква и покрај иселувањето и желбата за студирање на професорската струка, за наставници, за професори, кај студентите и учениците не е воопшто присутна, затоа што ја гледаат ситуацијата каква е, изјави Марија Иванова, Филолошки факултет, УГД – Штип.

За мотивација на студентите на катедрата по македонски јазик, ослободени се од партиципација за прва година, но сепак интересот е релативно мал и не може да ги задоволи потребите на македонското школство.

„Откако го покренавме овој тренд, кој подоцна се прошири и на другите катедри на Филолошкиот факултет, можеме да кажеме дека сепак имаме студенти, но тоа претпоставувам се должи на она глобална појава на иселување на наши млади деца надвор од Македонија“, изјави Луси Караниколова – Чочоровска, декан на Филолошки факултет, УГД – Штип.

Од друга страна, во време кога секојдневно сме изложени на континуирани атаци врз македонскиот јазик, историографија и култура, се добива впечаток како самите да си ја сечеме гранката на која што седиме.

„Во новата концепција за VI одделение, забележувам дека историјата на македонскиот јазик не е присутна. Не знам зошто, а порано се учеше. Ако не се знае историјата на македонскиот јазик, тогаш како ќе го зачуваме јазикот, како можат децата да го учат јазикот, ако не знаат од каде потекнува“, прашува Иванова.

Иванова е револтирана и поради фактот што веќе 4 години не се одржуваат натпревари по македонски јазик, а никој не презема ништо за работите да мрднат од мртва точка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons