Над 50 хектари шума зафатени со пожарите во Малешевијата (ВИДЕО)
Во гаснењето на огнената стихија меѓу селата Митрашинци и Будинарци во Беровско учествуваат хеликоптер на МВР и „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Над 50 хектари букова и дабова шума се зафатени со пожарите коишто го погодија малешевскиот крај. Во гаснењето на огнената стихија учествуваат полициски хеликоптер и „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Состојбата засега е под контрола.
Во гаснењето на пожарот кој избувна во месноста меѓу селата Митрашинци и Будинарци во Беровско се вклучени пет тима за гаснење на пожари, со вкупно 36 лица и осум возила. На терен се и десет пожарникари на ТППЕ Берово и 30 припадници на Национални шуми од подружницата на Берово. Се најавуваат и пожарникарски екипи од Виница, Радовиш, Кочани, Струмица, Тетово кои ќе помогнат во гаснењето на огнената стихија.
Командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски за МИА информираше дека со помош на хеликоптерот е спречено ширење на огнот кон боровата шума и е направен обрач околу огнот. Првично беа зафатени околу 50 хектари високостеблеста шума, во непристапен планински предел. Се истражуваат причините за пожарот.
Топлото време предизвика пожари и во другите делови на земјата. Локализиран е пожарот помеѓу делчевските села Разловци и Тработивиште, а екипи на Шумско Стопанство ,,Голак” Делчево вршат обиколка на опожареното подрачје, со цел спречување на негово повторно избувнување. Проценките на Регионалниот центар за управување со кризи се дека е зафатена површина од 40 хектари претежно сува трева, дабова и борова шума, а од Општината најавија дека дополнително ќе се изврши проценка на опожареното подрачје. Во штипското село Долани, пак, изгоре свињарска фарма, во која настрадаа 100 свињи. Не се знае која е причината за настанатиот пожар.
Во минатогодишните пожари во Малешевијата изгореа стогодишни шуми во високите делови на месноста викана Бајастепе, која се наоѓа на потегот меѓу Делчево и Пехчево. Штетите од огнените стихии беа огромни.
Видеото погледнете го ТУКА