Над 130 слободни места за наставници и професори по македонски јазик
Состојбата со македонскиот јазик на универзитетските студии не е сјајна, со оглед на тоа дека има сериозен пад на запишани студенти на катедрите по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Од друга страна, потребата за просветни работници по македонски јазик е голема во повеќето градови од Македонија. Според статистичките информации кои „Фокус“ ги доби од Агенцијата за вработување на Македонија, во текот на минатата година, врз основ на доставените пријави за потреба од работник од страна на работодавачите, огласени се:
– 36 слободни работни места за занимањето Наставник по мајчин јазик и литература, од кои 28 работни места се пополнети и
– 233 слободни работни места за занимањето Професор по македонски јазик, од кои 167 работни места се пополнети.
Што се однесува до оваа година, податоците се слични а потребата за наставници и професори по македонски јазик е повторно голема.
Во текот на 2022 година (до денот на известување) огласени се:
– 32 слободни работни места за занимањето Наставник по мајчин јазик и литература, од кои 18 работни места се пополнети и
– 150 слободни работни места за занимањето Професор по македонски јазик, од кои 97 се пополнети.
Очекувано, во 2021 и оваа година, најмногу просветни работници по македонски јазик (наставници и професори) биле потребни во главниот град Скопје – вкупно 196 кандидати.
Во текот на 2021 година:
– Од огласените 36 слободни работни места за занимањето Наставник по мајчин јазик и литература, 18 слободни работни места биле огласени во Центарот за вработување на Град Скопје, осум во Центар за вработување Прилеп, четири во Неготино, три слободни работни места во Охрид, две во Струмица и едно слободно работно место од горенаведеното занимање било огласено во центарот за вработување Радовиш.
– Од огласените 233 слободни работни места за занимањето Професор по македонски јазик, 91 слободни работни места биле огласени во Центарот за вработување на Град Скопје, 24 во Центар за вработување Тетово, 18 во Штип, по 10 слободни работни места биле огласени во центрите за вработување Битола и Струмица, 9 слободни работни места во Гевгелија, по 8 слободни работни места во центрите за вработување Дебар и Струга, а останатите слободни работни места биле огласени во центрите за вработување Велес, Кавадарци, Радовиш, Кочани, Свети Николе и др.
Што се однесува оваа година, до денот на известување, од огласените 32 слободни работни места за занимањето Наставник по мајчин јазик и литература, 23 слободни работни места биле огласени во Центарот за вработување на Град Скопје, 5 во Центар за вработување Неготино, 2 во Радовиш и по 1 слободно работно место биле огласени во центрите за вработување Кичево и Македонски Брод.
Од огласените 155 слободни работни места за занимањето Професор по македонски јазик, 64 слободни работни места биле огласени во Центарот за вработување на Град Скопје, 17 во Центар за вработување Тетово, 13 во Струмица, по осум слободни работни места биле огласени во центрите за вработување Велес и Штип, по пет слободни работни места во Валандово и Кочани, а останатите слободни работни места биле огласени во центрите за вработување Делчево, Струга, Битола, Гевгелија и др.