Малолетникот кој праќаше лажни дојави за бомби доби кривична пријава за „тероризам“
Поднесена е кривична пријава против малолетник од Скопје за сторено кривично дело „тероризам”
Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе кривична пријава против 15-годишник од Скопје, за сторено кривично дело „тероризам”, предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичен законик, соопшти МВР.
Малолетникот пред околу еден месец, со помош на мобилниот телефон креирал електронска адреса и истиот ден, преку својот лап-топ испратил порака со заканувачка содржина на службена електронска пошта на едно средно училиште во Скопје. Притоа, со цел да ги прикрие своите активности при испраќање на поракaта малолетникот користел Ви-Пи-Ен апликација.
Констатирано е дека е користена Ај-Пи адресата, чиј сопственик е таткото на малолетниот, а извршен е и претрес во домот врз основа на судска наредба. Одземени биле телефон, сим картичка и лап-топ што ги користел малолетникот.
Од извршеното вештачење е утврдено дека истата електронска адреса е користена за да се испраќаат пораки со заканувачка содржина до неколку училишта на територијата на град Скопје од мобилен телефон и од лаптоп компјутер, во повеќе наврати, велат од МВР.
На почетокот на месецот, во присуство на негов родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, во полициска станица е извршен службен разговор со малолетникот, во текот на кој тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.