Македонскиот пијанист Симон Трпчески одржа концерти во Монте Карло и Амстердам
Македонскиот пијанист Симон Трпчески одржа концерт во Амстердам заедно со Романскиот камерен оркестар и маестро Габриел Бебешелеа. На истиот, Трпчески го изведе Концертот број два од Рахмањинов.
Благодарност до публиката, вклучително и моите драги пријатели од Македонија кои дојдоа да не поддржат. Фантастично чувство за освежување на спомените од моите претходни концерти во Амстердам, за моето прво враќање во оваа сала после Ковид пандемијата“, истакна Трпчески.
Претходно тој настапи во „Палатата на Принцот“каде го заокружи своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки одржа серија концерти во тековната сезона 2023/24 година. Во рамките на резиденцијалниот престој што започна во октомври, минатата година, кога Трпчески на сцената во салата „Рение Трети“ со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло настапи со вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов, веќе во јануари годинава заедно со своите пријатели Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев го изведе проектот Македонисимо.
Следуваше целовечерен рецитал на кој Трпчески исполни програма со дела од Шопен, Моцарт, Чајковски/Плетњев, Бетовен и Прокофјев.